Британскиот премиер, Кир Стармер, се соочува со сериозен притисок во сопствената партија по тешкиот пораз на локалните избори, додека дел од лабуристите веќе отворено бараат негова оставка. Дополнителен удар за неговото лидерство претставува најавата на поранешната министерка Кетрин Вест дека е подготвена да го предизвика за лидерската позиција доколку не се појави друг кандидат.
Според британските медиуми, Лабуристичка партија ги забележала најлошите резултати на локалните избори за владејачка партија уште од 1995 година, што предизвикало незадоволство кај голем број пратеници.
Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Стармер денеска назначи двајца влијателни партиски ветерани за свои советници – поранешниот британски премиер Гордон Браун и поранешната заменичка лидерка на лабуристите Хариет Харман.
Сепак, само неколку часа подоцна, Кетрин Вест во интервју за Би-Би-Си изјави дека очекува до понеделник кабинетот да подготви план за замена на Стармер.
„Ако до утре нема кандидат за лидерската позиција, тогаш во понеделник наутро ќе ја предложам мојата кандидатура за лидер на Лабуристичката партија“, изјави Вест.
По изборниот пораз, повеќе од 20 лабуристички пратеници, јавно и зад затворени врати, побарале Стармер да одреди временска рамка за своето заминување.
На прашањето дали ќе поднесе оставка, британскиот премиер одговори дека тоа не е вистинскиот потег.
„Нема да се откажам од ова“, изјави Стармер.
И покрај растечките критики, повеќе министри од кабинетот во петокот изразија поддршка за него. Стармер пред помалку од две години ја предводеше Лабуристичката партија до убедлива победа на парламентарните избори.
Според правилата на партијата, секој што сака да се кандидира против актуелниот лидер мора да обезбеди поддршка од најмалку 20 проценти од лабуристичките пратеници. Со оглед дека лабуристите имаат 403 пратеници во парламентот, потенцијален противкандидат би морал да обезбеди најмалку 81 потпис за кандидатура.
Текстот Стармер под притисок да си поднесе оставка по изборниот дебакл е превземен од МАКФАКС.























