Британскиот премиер Кир Стармер денес изјави дека резултатите од изборите за неговата партија биле „тешки“ и „болни“, но нагласи дека ја презема одговорноста за загубите.
Според досегашните резултати, Лабуристичката партија ја изгуби контролата врз девет локални совети и повеќе од 250 места во советите, иако, како што е наведено, тие бранеа голем број позиции и резултатите сè уште не се комплетни.
Стармер оцени дека гласачите испратиле јасна порака за брзината на промените и потребата од подобрување на животниот стандард, нагласувајќи дека владата мора подобро да одговори на овие очекувања.
„Нема да се откажам од предизвикот“, рече британскиот премиер.
Како што објави Ројтерс, владејачката Лабуристичка партија на британскиот премиер претрпе големи почетни порази на локалните избори во Англија, додека антиимиграциската Реформска партија предводена од Најџел Фараж забележа најголем раст.
Според првите резултати, Лабуристичката партија ја изгуби поддршката во традиционалните упоришта во централна и северна Англија, како и во одредени делови од Лондон, додека Реформската партија освои повеќе од 200 места во локалните совети, пренесуваат медиумите.
Текстот Стармер: „Ова боли“ е превземен од МАКФАКС.























