Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, остро ја нападна администрацијата на Доналд Трамп поради војната со Иран, нарекувајќи ја целата ситуација „само глупости“. Според CNN, Харис ги упатила своите критики за време на неформален разговор со демократите во Лас Вегас, кој предизвикал силен аплауз од толпата.

„Кога ќе ја погледнете оваа војна во Иран, која американскиот народ не ја сака и која не добила одобрение од Конгресот – а дури и да добила, не требало да се започне. Тој зборувал за тотално уништување, а потоа рекол дека го направил. Сето тоа е само глупост“, рече Харис. По жестоката реакција од публиката, таа полушеговито додаде дека си ветила дека повеќе нема да се колне јавно.

„Русија е најголемиот победник од оваа војна“

Во својот говор, Харис нагласи дека Москва, а не САД, е таа што има најголема корист од конфликтот на Блискиот Исток. Таа објасни како високите цени на нафтата и промените во санкциите директно му помогнале на рускиот буџет.

„Дали сакате да знаете кој е најголемиот победник во војната со Иран? Русија. Поради ситуацијата со нафтата, Трамп всушност ги ублажи санкциите кон Русија. Дали знаете што значи тоа? Тие заработуваат пари продавајќи нафта што претходно им беше забрането да ја продаваат. Што друго значи тоа? Испраќаме артилерија, муниција и воздушна одбрана таму, што инаку би отишле во Украина. Последиците се далекусежни“, предупреди поранешнaта потпретседателка.

„Трамп не е идиот, тој е опасен“
Критикувајќи го претседателот, Харис ги отфрли обидите да го прикаже Трамп само како неодговорен лидер. Таа рече дека неговите потези биле пресметани и штетни за националната безбедност.

„Нема да го отпишам како идиот. Тој е опасен. Тој е опасен“, повтори Харис. Таа истакна дека притисокот на Трамп врз Иран да го потпише договорот „брзо“ доаѓа во време кога тој самиот ја вовлече земјата во конфликтот без јасен план за излез.

„Луѓето не се глупави“
Харис, исто така, се осврна на домашните прашања, особено на неодамнешната одлука на Врховниот суд за Законот за право на глас. Верува дека ова ќе има огромно влијание врз претстојните среднорочни избори во ноември.

„Тие намерно им го отежнуваат гласањето на луѓето затоа што знаат дека луѓето не се глупави. Граѓаните се многу внимателни во врска со цената на бензинот, цената на домувањето и цената на оваа војна“, заклучи Харис, осврнувајќи се на обидите на републиканците да ги прекројат изборните единици во нивна корист.

Текстот Камала Харис за војната во Иран: Трамп не е идиот, тој е опасен е превземен од МАКФАКС.