Мојата порака до младите, коишто мислат дека неколку месеци некаде во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина, е дека грешат. Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност што се одржува во Скопје.
Тој им порача на младите да не контрибуираат некаде надвор, во некои туѓи економии и дека дома се гради иднината на вашата татковина.
Мицкоски кажа дека сите треба да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас. Тој упати порака дека не можеме ние да го трошиме системот и да бараме од него да ни враќа со добри политики.
„Не можеме ние континуирано да го трошиме системот, не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот и да бараме тој ист систем да ни враќа со најдобри политики, со најдобри услуги. Мораме да сме свесни дека системот сме ние, и каков систем ќе изградиме, така тој систем нас ќе ни врати. Не можеме да бараме времена работа некаде во некои туристички земји, да контрибуираме во таа локална економија неколку месеци во годината и да плаќаме таму даноци, а да бараме од нашиот здравствен систем овдека бесплатно здравствено осигурување и да живееме со критика кон тој истиот систем којшто ние истите го измачуваме и го истрошуваме“, рече Мицкоски.
„Не можеме ние да пишуваме прекувремени работни саати коишто не сме ги заслужиле и да го трошиме тој ист буџет којшто треба да го финансира тој систем, којшто на нас треба да ни врати. Тоа не е фер. Треба да контрибуираме во домашната економија и да го градиме домашниот систем, ако сакаме истиот тој систем да ни врати. Ако не, ќе се соочиме со оваа болна и тажна реалност“, истакна премиерот.
Текстот Мицкоски со порака до младите: Не можете да барате времена работа во туристички земји, а да барате бесплатно здравство во Македонија е превземен од МАКФАКС.























