Земјите од Европската Унија и пратениците во Европскиот Парламент постигнаа договор за ублажување на дел од правилата за вештачка интелигенција, вклучително и одложување на нивната примена, јави „Ројтерс“.

Привремениот договор бил постигнат по деветчасовни преговори, а во наредните месеци треба формално да биде потврден од владите на земјите членки и Европскиот парламент.

„Денешниот договор за Актот за вештачка интелигенција значително ги поддржува нашите компании преку намалување на административните трошоци“, изјавила Марилена Рауна.

Измените се дел од пошироките напори на Европската Комисија за поедноставување на дигиталните регулативи, по жалбите на компаниите дека преклопувањето на правилата и бирократијата ја намалуваат нивната конкурентност во однос на американските и азиските ривали.

Според договорот, примената на правилата за високоризични системи на вештачка интелигенција – како биометриски технологии, критична инфраструктура и системи за спроведување на законот – се одложува до 2 декември 2027 година, наместо да започне оваа година.

Дополнително, машините ќе бидат изземени од Актот за вештачка интелигенција бидејќи веќе подлежат на секторски регулативи.

Договорена е и забрана за АИ практики што создаваат неовластени сексуално експлицитни содржини, по контроверзиите со четботот „Грок“ на Маск и сексуално експлицитните „deepfake“ содржини. Забраната ќе стапи во сила на 2 декември.

Од истиот датум ќе стане задолжително и означувањето на содржините генерирани со вештачка интелигенција со воден жиг.

И покрај ублажувањата, правилата на ЕУ и натаму се сметаат за најстроги во светот кога станува збор за регулирање на вештачката интелигенција.

Текстот ЕУ ги ублажува правилата за вештачка интелигенција: Дел од мерките се одложуваат до 2027 година е превземен од МАКФАКС.