Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека претстојната посета на Кина ќе биде најважната во неговата политичка кариера, нагласувајќи дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ги прими претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, како и него, во текот на следниот месец.

Вучиќ изјави дека посетата ќе трае пет до шест дена и ќе има карактер на државна и официјална посета, нагласувајќи ја важноста на соработката со Кина за граѓаните на Србија. Според него, за време на посетата ќе се разговара за роботиката, вештачката интелигенција, воено-техничката и економската соработка, инфраструктурата, но и подобрувањето на образовниот систем.

„Една од најважните работи е како ќе го промениме нашиот образовен систем“, рече Вучиќ, додавајќи дека нема да прави компромиси по ова прашање.

Вучиќ изјави дека Србија е многу пати посилна денес отколку што беше пред 15 години и оцени дека земјата сега ќе има значително поголеми одбранбени капацитети отколку во времето на бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО во 1999 година.

„Денес сме многу посилни и затоа никој нема да не нападне, но мора да продолжиме да се зајакнуваме“, рече тој.

Тој додаде дека силата на српската армија е резултат на економскиот раст и инвестициите во одбранбениот сектор, наведувајќи дека земјата има значителни количини оружје и воена опрема. Тој, исто така, истакна дека Србија стекнала дел од најмоќното оружје од Израел, што дополнително ја подобрило борбената готовност.

Зборувајќи за Косово, тој истакна дека ова прашање е вратено на преговарачката маса, нагласувајќи дека нема да ја води земјата во војна и дека останува посветен на мирот и понатамошниот развој.

„Сега би имале со што да војуваме, но не сакам војна, бидејќи им ветив на граѓаните мир“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија продолжува да соработува со разни партнери, вклучувајќи ги Иран и Израел.

 

фото/Depositphotos

Текстот Вучиќ: Претстојната посета на Кина ќе биде најважната во мојата политичка кариера е превземен од МАКФАКС.