Доналд Трамп објави дека го паузира „Проектот слобода“, операцијата на САД за пренасочување на заглавените бродови од Ормускиот теснец, за да може да склучи договор со Иран, но додаде дека блокадата на иранските пристаништа од страна на САД ќе остане на сила.
„На барање на Пакистан и други земји, поради огромниот воен успех што го постигнавме во кампањата против Иран, а дополнително и поради фактот дека е постигнат голем напредок кон целосен и конечен договор со претставниците на Иран, меѓусебно се согласивме дека, додека блокадата останува во полна сила, Проектот Слобода (минувањето на бродови низ Ормускиот теснец) ќе биде привремено паузиран за краток временски период за да се види дали може да се финализира и потпише договор“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Иранските државни медиуми го прикажаа ова како победа, тврдејќи дека паузата покажала дека Трамп „се повлекол назад“ по „континуираните неуспеси“ во неговите обиди да го отвори виталниот воден пат за светската трговија.
Рубио: Операцијата „Епски гнев“ е завршена
Само неколку часа претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио ги информираше новинарите во Белата куќа за напорите да им се дозволи на танкерите во Персискиот Залив да поминат низ Ормускиот теснец.
Според него, операцијата „Проект слобода“, чија цел е отворање на Ормускиот теснец, е помала по обем и различна од оригиналниот борбен план. Тој ја опиша како одбранбена операција, велејќи дека САД нема да дејствуваат воено „освен ако не биде пукано врз нас“.
Тој, исто така, потврди дека САД ги постигнале своите цели во воената операција против Иран и дека операцијата „Епски гнев“ е завршена.
Текстот Трамп: Ја паузираме операцијата „Проект слобода“ е превземен од МАКФАКС.























