Не е доволно само да кажеме дека децата и младите се нашето најголемо богатство, туку треба вака, на дело да покажеме дека вложуваме во нивната иднина, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при денешната посета на основното училиште „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче во општина Аеродром, каде заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, и градоначaлникот Дејан Митески поставија камен темелник за доградба на шест нови училници.

„Ова е важна инвестиција во вредност од 73 милиони денари, финансирана преку вториот јавен повик од Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти, која ќе обезбеди подобри услови за настава и подобар квалитет на образованието за децата од оваа населба. Сакам да информирам дека во моментов градежни зафати се изведуваат на уште 80-тина основни и средни училишта и спортски сали, што збирно чинат околу 3 милијарди денари и тоа е најголемиот инвестициски циклус во образованието во последните 10тина години“, рече Јаневска.

Потенцираше дека вакви инвестиции се неопходни за да се прошири концептот за едносменска настава и продолжен престој во што повеќе училишта во државата, кој пак обезбедува повеќе придобивки и за учениците и за наставниците.

Објектот кој се доградува во ОУ „Гоце Делчев“ е со површина од 600 метри квадратни и согласно договорот со изведувачот треба да биде целосно завршен за 9 месеци отсега

Текстот Проширувањето на ОУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче ќе биде готово за девет месеци е превземен од МАКФАКС.