Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Соединетите Американски Држави денес ќе започнат операции за ослободување на бродовите заглавени во Ормускиот теснец.

Тој ја опиша акцијата како „хуманитарен гест“ чија единствена цел е да им помогне на неутралните земји кои не учествуваат во војната меѓу САД и Израел против Иран.

„Во корист на Иран, Блискиот Исток и Соединетите Американски Држави, им кажавме на тие земји дека безбедно ќе ги отстраниме нивните бродови од тој ограничен воден пат за да можат слободно и вешто да си ја вршат својата работа“, напиша Трамп во објавата.

Револуционерната гарда: Ако поминете без наша дозвола, ќе бидете уништени
„Фарс Плус“ објави две аудио пораки кои му се припишуваат на Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ).

Тие издаваат предупредувања на персиски и англиски јазик до бродовите во Персискиот Залив, Ормускиот теснец и Оманското Море, со порака дека теснецот „останува затворен“.

Во пораките се наведува: „Ова е сериозно предупредување од поморските сили на ИРГК. Ормускиот теснец останува затворен, а преминувањето без дозвола од Исламската Република Иран и надвор од назначениот навигациски коридор е забрането.

Секој брод што ќе помине без дозвола на 56°00′ источна географска должина во Персискиот Залив и 25°40′ северна географска ширина во Оманското Море ќе биде цел и уништен.“

Текстот Танкер погоден во Ормускиот теснец; Револуционерната гарда испрати предупредување до бродовите е превземен од МАКФАКС.