Американскиот претседател Доналд Трамп во приватен разговор зад затворени врати изнел низа ставови за членовите на британското кралско семејство, а најголемо внимание привлекле неговите критики кон Меган Маркл.
Според кралскиот биограф Роберт Хардман, кој ги открил деталите од средбата, разговорот се случил за време на државната посета на кралот Чарлс и кралицата Камила на САД.
Трамп, наводно, за кралот Чарлс рекол дека е „одличен човек“, додека за принцот Вилијам изјавил дека ќе биде „добар крал“ и дека е „многу симпатичен“.
Особено позитивно зборувал и за Кејт Мидлтон, принцезата од Велс.
„Како е таа? Таа е одлична. Беше болна, луѓето зборуваа секакви глупости за неа, а таа беше толку храбра“, рекол Трамп, алудирајќи на периодот кога Кејт се повлече од јавноста пред да ја открие дијагнозата за рак.
Тој покажал интерес и за најмладите членови на семејството – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис, прашувајќи дали се „добри деца“.
Но, разговорот добил поостар тон кога станало збор за принцот Хари и неговото можно враќање во кралското семејство.
На прашањето дали Хари може да се врати во кралскиот круг, Трамп кратко одговорил: „Премногу работи, претпоставувам.“
Најконтроверзниот дел од разговорот бил посветен на Меган Маркл.
„Таа негова жена. Човече, што му направи на тој човек…“, рекол Трамп, додавајќи дека смета оти таа е „засенета од сопругата на Вилијам“.
Хари и Меган се повлекоа од кралските должности во 2020 година и се преселија во Калифорнија, а односите во кралското семејство, особено меѓу Хари и Вилијам, со години се затегнати.
Текстот Трамп зад затворени врати жестоко ја критикувал Меган Маркл: „Што му направи на тој човек“ е превземен од МАКФАКС.























