Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на седницата за пратенички прашања упати прашање до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поврзано со полициската акција за поткуп во која во март беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделие.
Петровска изрази сомнеж за селективно постапување и евентуално прикривање на детали во акцијата, посочувајќи дека институциите не дале целосни информации за случајот и дека постојат индиции оти локацијата на апсењето е поврзана со министерот за земјоделие.
„На 19 март Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност спроведоа акција за поткуп и го уапсија директорот на Државниот инспекторат за земјоделие. Имаше едно скромно соопштение, јас повеќе би рекла срамежливо, без многу детали, освен дека е уапсен за примање поткуп во висина од 50.000 евра“, рече Петровска.
Таа додаде дека фотографија од чинот на апсењето, објавена во медиумите, според неа ја открила локацијата каде што било извршено апсењето.
„Локацијата каде е уапсен директорот никогаш не беше кажана во јавноста. Таа е во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделие“, изјави Петровска.
Според неа, имотен лист покажува дека на истата адреса на улицата „Матеја Матевски“ во Скопје стан поседува и министерот за земјоделие.
„Дали вие или некој друг свесно и намерно во Министерството за внатрешни работи ја прекина операцијата, односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите токму до министерот за земјоделие?“, праша Петровска од собраниската говорница.
На крајот од обраќањето, таа го потсети Тошковски на неговата претходна изјава:
„И брат да е, ќе одговара – така викавте, па сега да видиме.“
Текстот (Видео) СДСМ бара одговори од Тошковски за акцијата во која беше уапсен директорот на Инспекторатот за земјоделие е превземен од МАКФАКС.























