Во рамки на програмата за култура на Општина Центар, на 29 април (среда) пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт под отворено небо со почеток во 19 часот на скверот „За убави маалски дружби“, пред платото на Општина Центар.
Концертот носи внимателно селектирана програма составена од дела на минималистички и современи, исклучително значајни автори меѓу кои Лудовико Еинауди, Рјуичи Сакамото, Давид Федел, Ханиа Рани… Преку суптилна експресија, повторливи структури и длабока емотивност, оваа музика нуди поинакво доживување – простор за внатрешен мир, фокус и поврзување со моментот.
Настанот има за цел да ја доближи современата класична музика до пошироката публика и да создаде интимна атмосфера во урбан простор, каде уметноста станува дел од секојдневието.
Дуња Иванова е родена во Скопје, магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје (2010), а магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Како солист и камерен музичар настапува на значајни сцени и фестивали во земјата и странство, вклучувајќи ги Скопско лето, Охридско лето и Денови на Македонската музика, како и во градови како Њујорк, Париз и Виена. Нејзиниот уметнички фокус е насочен кон минималистичката и современата музика, со рецитали посветени на автори како Филип Глас, Арво Перт, Лудовико Еинауди, Макс Рихтер, Рјуичи Сакамото, Мајкл Најман, Ханиа Рани…
Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје. Автор е на книги и научни трудови од областа на музичката естетика.
Текстот Концерт на пијанистката Дуња Иванова под отворено небо во Центар е превземен од МАКФАКС.























