Меланија Трамп го критикуваше водителот Џими Кимел за шегата во која ја нарече „идна вдовица“, само два дена пред пукањето на вечерата со новинерите во Белата куќа. Првата дама ги нарече изјавите на Кимел „омразни и насилни“ и ја повика неговата мрежа, Еј-би-си, да одговори на неговото „неприфатливо однесување“.
Пукањето се случи во саботата навечер, а властите веруваат дека нападот веројатно бил насочен кон членовите на администрацијата на американскиот претседател.
Контроверзната шега беше емитувана во четврток, кога Кимел ја пародираше самата вечера пред настанот. „Нашата прва дама Меланија е тука. Погледнете ја Меланија, таа е толку убава. Госпоѓо Трамп, имате сјај на идна вдовица“, рече Кимел.
Во објава на мрежата X, Меланија Трамп напиша дека „луѓе како Кимел не треба да имаат можност да доаѓаат во нашите домови секоја вечер и да шират омраза“ и ја повика Еј-би-си да „заземе став“.
„Неговиот монолог за моето семејство не е комедија. Неговите зборови се деструктивни и ја продлабочуваат политичката болест во Америка. Кукавица, Кимел се крие зад Еј-би-си затоа што знае дека мрежата ќе продолжи да го штити. Доста е. Време е Еј-би-си да заземе став. Уште колку пати раководството на Еј-би-си ќе го толерира неприфатливото однесување на Кимел на сметка на нашата заедница“, додаде таа.
Kimmel’s hateful and violent rhetoric is intended to divide our country. His monologue about my family isn’t comedy- his words are corrosive and deepens the political sickness within America.
People like Kimmel shouldn’t have the opportunity to enter our homes each evening to…
— First Lady Melania Trump (@FLOTUS) April 27, 2026
Кимел беше привремено отстранет од шоуто минатиот септември по коментарите за убиството на конзервативниот влијателен човек Чарли Кирк. По враќањето во шоуто, Кимел рече дека разбира дека некои ги сметале неговите коментари за смртта на Кирк за „несоодветни во тоа време или нејасни, или и двете“.
Претседателот на САД и неговата сопруга Меланија беа евакуирани од свечена вечера во саботата навечер откако вооружен човек отвори оган во близина на безбедносен контролен пункт на настанот во Вашингтон. Осомничениот, 31-годишниот Кол Томас Ален, беше фатен во близина на скалите што водеа до балската сала каде што се одржуваше вечерата, на која присуствуваа стотици новинари, функционери и јавни личности.
Претседателот на САД им потврди на новинарите дека вечерата била „прилично трауматично искуство“ за неговата сопруга.
фото/Depositphotos
Текстот Меланија Трамп го нападна Џими Кимел поради шегата: „Доста е. Време е Еј-би-си да заземе став“ е превземен од МАКФАКС.























