Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Управниот суд ќе се поврзат дигитално преку софтверската платформа ЕПУС – ова е предвидено во Меморандумот за соработка што го потпишаа претседателот на РКЕ, Ацо Ристов и в.д. претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини.
Софтверската платформа е креирана за да обезбеди брза, безбедна и ефикасна електронска комуникација со навремена размена на акти и списи потребни во постапките по управните спорови.
„Поведувањето на управен спор е една од низата на алатки што им стои на располагање на потрошувачите кои се незадоволни од конкретна одлука на РКЕ. Со потпишувањето на меморандумот и воспоставувањето на електронска комуникација помеѓу РКЕ и Управниот суд во пракса ќе се поедностават и забрзаат постапките, што ќе доведе до побрзо и поекономично постапување и ќе се воспостави ефективен систем на електронска размена на документи меѓу двете институции“, изјави Ацо Ристов, претседател на РКЕ.

Процесот на имплементација се одвива паралелно со потпишувањето, во неколку етапи: обезбедување на технички предуслови, тестирање и постепено воведување во редовна употреба.
„Придобивките од оваа платформа се повеќекратни – зголемена ефикасност во постапувањето, намалување на административните трошоци, подобра координација меѓу двете институции, како и повисоко ниво на транспарентност и сигурност во размената на податоци. Оваа платформа веќе ја користат 72 физички и правни лица, што претставува јасен показател за практичната применливост на процесот на дигитализација на управното судство. Управниот суд во изминатиот период има склучени вкупно 17 меморандуми за соработка со јавни органи и единици на локалната самоуправа“, изјави Бурим Сејдини, в.д. претседател на Управен суд.

Согласно последните податоци на РКЕ од вкупно поднесени 70 тужби пред Управниот суд во 2025 година, 42 се отфрлени или одбиени како неосновани, две тужби се усвоени, а за останатите 26 управни спорови постапките продолжуваат во оваа година.
Текстот Меморандум за соработка помеѓу РКЕ и Управен суд: зголемена ефикасност во постапувањето, намалување на административните трошоци, подобра координација е превземен од МАКФАКС.























