Независниот синдикат на полицијата ги осуди обидите за политичка манипулација и ставање етнички предзнак на полициската акција против недозволената трговија со дрога на автопатот Скопје – Тетово.

Од Синдикатот тврдат дека за време на акцијата осомничените лица најпрво се обиделе да прегазат полициски службеници, по што одзеле службено оружје на еден од полицајците.

Според информациите со кои располага Синдикатот, осомничените потоа се дале во бегство, при што предизвикале неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје – Тетово. Во незгодите се здобиле со повреди, а при дополнителна проверка била пронајдена дрога.

„Апсолутно ирелевантен е фактот од која националност се колегите кои постапуваат и го ставаат својот живот во ризик поради спречување на ваквиот тип сериозен криминал, кој нема етничка граница“, се наведува во реакцијата на Независниот синдикат на полицијата.

Од Синдикатот ги повикуваат надлежните институции внимателно да го проверат целиот настан и постапувањето на полициските службеници, а политичките партии да се воздржат од, како што велат, „заземање на страната на криминалот“.

Текстот Синдикатот на полицијата: Осомничените се обиделе да прегазат полицајци, па им одзеле и службено оружје е превземен од МАКФАКС.