Со празни фрижидери и празни џебови, граѓаните најдобро знаат за бајките на Мицкоски за 3. економија во Европа. Секојдневието е сурово за народот, цените поскапеа, стандардот паѓа, платите не мрдаат, а граѓаните имаат сè помалку пари, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа рече дека СДСМ пред 50 дена предложило конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, на самиот почеток на кризата.

„Мицкоски не презеде ништо. Напротив, владата ја укина и мерката за намален ДДВ за дизелот, враќајќи го на 18%. Сега е веќе доцна, цените пораснаа, а товарот го носат граѓаните. Народот плати за грешките на Мицкоски и цената допрва ќе зголемув. Во мај се очекуваат нови предизвици, прогнозите на Европската централна банка и Европската комисија се дека следува забавување на растот, висока инфлација и ризик од рецесија. Само Мицкоски и понатаму живее во својот паралелен свет на бајки за 3 та економија во Европа“, обвини Кузеска.

Таа вели дека зеленчукот е поскапен за над 38%, овошјето за над 10%, а цените во земјоделството за 23%.

„Поскапени се месото, јајцата, зејтинот…. практично сè е поскапено. Во исто време, платите стагнираат и остануваат меѓу најниските во Европа. Мицкоски одби да ги покачи платите на работниците, одби 600 евра минимална плата. Мицкоски нема капацитет да води економска политика. Има капацитет само за својот приватен бизнис и за тендери. Човек со часовници од 60 илијади евра или 150 минимални плати им кажува на граѓаните дека сме 3 та економија во Европа ама дека најниските плати им се доволни. Какви апсурди“, рече Кузеска.

Таа кажа и дека инвестициите паднале за над 60%. „Компаниите отпуштаат – над 1.500 работници за само неколку месеци. Државата должи 180 милиони евра за поврат на ДДВ кон стопанството“, рече Кузеска.

Таа истакна дека СДСМ повторно бара итни мерки: замрзнување на цените на основните производи, намалување на ДДВ за храна и енергија, директна помош за ранливите категории и мерки за зачувување на работните места.

Текстот (Видео) Кузеска: Со празни фрижидери, граѓаните најдобро знаат за бајките на Мицкоски за 3. економија во Европа е превземен од МАКФАКС.