Израелската група за правно застапување побара од Меѓународниот кривичен суд да го гони шпанскиот премиер Педро Санчез за наводно „помагање во воени злосторства“ преку извоз во Иран.

Тужбата доаѓа во време на ескалација на дипломатскиот спор меѓу двете земји, кој започна со војната во Газа во октомври 2023 година и ескалираше кога Мадрид ја призна Палестина една година подоцна, објави „Тајмс оф Израел“.

Тужбата ја поднесе Шурат ХаДин, невладина организација позната по преземањето правни мерки низ целиот свет против она што го нарекува „непријатели на Израел“. Во тужбата се обвинува Шпанија дека обезбедува „компоненти што им се потребни на режимот во Техеран и неговите сојузници за воени цели“.

Во поднесокот, врз основа на член 15 од Римскиот статут, се наведува дека Шпанија одобрила извоз на таканаречени предмети со двојна употреба во вредност од околу 1,3 милиони евра. Се тврди дека овие предмети би можеле да се користат во детонатори и други примени поврзани со експлозиви.

„Ова не се безопасни индустриски производи, туку клучни компоненти што овозможуваат функционирање на експлозивни направи. Тие беа испорачани во околности каде што беше разумно предвидливо дека ќе бидат употребени за напад врз цивили“, се вели во соопштението на Шурат Хадин.

Односите Израел-Шпанија се влошуваат
Израелско-шпанските односи нагло се влошија откако Мадрид почна остро да го критикува Ерусалим поради војната во Газа, која следеше по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Шпанскиот социјалистички премиер, исто така, се спротивстави на американско-израелската војна против Иран, што предизвика остра реакција од Израел.

Израел и САД започнаа напади врз Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со испукување балистички ракети и беспилотни летала врз земјите во регионот, сè додека не беше постигнат кревок договор за прекин на огнот минатата недела.

Минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му забрани на Мадрид да учествува во работата на центарот предводен од САД за повоена стабилизација на Газа, обвинувајќи ја Шпанија дека води дипломатска кампања против Израел. На крајот, двете земји ги повлекоа своите амбасадори.

Текстот Израелско здружение го пријави Санчез на меѓународен суд: „Тој помага во воените злосторства“ е превземен од МАКФАКС.