Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс изјави во неделата дека неговиот преговарачки тим го напушта Пакистан откако во 21-часовни разговори со Иран не успеаја да постигнат договор. Венс рече дека американските преговарачи се враќаат дома бидејќи Иран не се согласил со условите на САД, вклучително и обврската да не развива нуклеарно оружје.

„Лошата вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е многу полоша вест за Иран отколку за Соединетите Американски Држави“, рече Венс. „Значи, се враќаме без договор. Ги направивме нашите црвени линии многу јасни.“

Венс рече дека неколку пати разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за време на разговорите.

„Едноставно треба да видиме обврска од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје и алатки за брзо развивање на такво оружје“, рече Венс на кратката прес-конференција во Исламабад. „Тоа е нашето фундаментално барање“.

Потпретседателот на САД истакна дека нуклеарната програма на Иран е „уништена“, но нагласи дека е потребна „фундаментална обврска“ од Техеран дека нема да развива такво оружје во иднина. „Сè уште не сме го виделе тоа. Се надеваме дека ќе го видиме“.

Венс, според CNN, сугерираше дека нуклеарната програма на Иран е најголемиот проблем во преговорите. „Заминуваме од тука со многу едноставен предлог, нашата најдобра и последна понуда. Ќе видиме дали Иранците ќе ја прифатат“, заклучи Венс.

Текстот (Видео) Венс: Не е постигнат договор, тие не сакаат да се откажат од нуклеарното оружје е превземен од МАКФАКС.