Заменик-градоначалникот на Петрич Кирил Танушев присуствуваше на официјалното отворање на новоизградениот парк „Зелен пулс“ во Струмица, јавува Пиринско, пренесува Трибуна.

Проектот се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка INTERREG VI-A Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, при што водечки партнер е Општина Петрич.

Во рамки на иницијативата за т.н. „твининг паркови“, Општина Петрич работи и на изградба на парк со истото име, со цел поврзување на двата града преку современи зелени решенија.

Иницијативата има за цел создавање модерни зелени простори што го поттикнуваат одржливиот урбан развој и го подобруваат квалитетот на живот на локалните заедници, како и поставување основа за развој на мрежа на заеднички услуги за урбани екосистеми.

Танушев ја истакна важноста на партнерството меѓу двете погранични општини и заедничките напори за создавање еколошки и современи јавни простори, како и можноста за проширување на иницијативата на регионално ниво.