ВМРО повторно во рударска мисија. Малку е што сме втора најзагадена земја во Европа па Мицкоски поданички сака да дозволи ново труење во име на ,,стратешки дијалог”. Мицкоски сака да дозволи на американска компанија да ископува антимон во стариот рудник „Крстов Дол“, каде што во 60-тите и 70-тите години од минатиот век се копало и преработувало антимон, велат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.

За жал, македонските власти, додаваат од таму, се заинересирани само за отварање на нови еколошки жаришта, додека старите не се санирани и сè повеќе се деградираат и нè трујат.

„Рудникот „Крстов Дол“ иако не работи повеќе од 50 години, јаловината од поранешната експлоатација и понатаму е извор на загадување на површинските води. Главни загадувачи се арсен (As), антимон (Sb) и талиум (Tl).
Краткорочната изложеност на висока концентрација на овие токсични елементи може да предизвика гадење, повраќање, дијареа, силна абдоминална болка, срцеви аритмии и во екстремни случаи смрт. Додека последиците од долгорочна изложеност на ова еколошко жариште се рак на кожа, бели дробови или мочен меур; кожни промени (потемнување, задебелување); оштетување на нерви (трнење, слабост), кардиоваскуларни болести или дијабетес тип 2.
Сите овие опасности веќе нè демнат од јаловината на стариот рудник, но ако се дозволи ново ископување на антимон ќе има акумулирање во почвата од каде што растенијата може да го апсорбираат и ќе влезе во синџирот на исхрана“.

Последиците од ова, предупредуваат од Зелен хуман град, би биле намалена плодност и потенцијално токсична храна.

Како што појаснуваат, при ископ и дробење на антимон се создава фина прашина што ако се вдише може да предизвика разни здравствени последици на белите дробови.

„Како производ на ископувањето на антимон ако се користи флотација се создаваат огромни количества на отпад хидројаловина што се складира во брани. Ако браната за хидројаловина протече или пукне може да дојде до катастрофа! Низ светот има примери од огромен број на уништени екосистеми од рудници и тоа најчесто се случува во корумпирани/сиромашни земји како нашата.
Според извештај кај „Крстов Дол“ веќе има три брани со хидројаловина од кои две во критична состојба. Браната со хидројаловина 1 е опишана како близу до флотациската постројка и е веќе натрупана над нејзиниот насип, поради што може да се прелее при обилни дождови. Браната со хидројаловина 3 се наоѓа покрај речната рамнина каде што, доколку се појават поплави, јаловинските материјали лесно се измиваат. Во извештајот се вели дека е „критично“ трите брани со хидројаловина да почнат да истекуваат кон долниот тек доколку дојде до обилни дождови.
Според истиот извештај поради рударските операции во „Крстов Дол“ има зголемено ниво на тешки метали во водата, при што Sb (антимон) достигнува пет пати поголема вредност од препорачаната од СЗО кај вдлабнатините и под браната за јаловина“, нагласуваат од Зелен хуман град.

Текстот Зелен хуман град: Македонија не е депонија, власта е заинтересирана само за отварање на нови еколошки жаришта, додека старите не трујат е превземен од МАКФАКС.