ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение упати сериозни обвинувања на сметка на поранешната владина коалиција на СДСМ и ДУИ, тврдејќи дека тие биле вмешани во криминални активности поврзани со урбанистички план во Тетово.
Во соопштението се наведува дека „коалициските партнери СДС и ДУИ за криминални активности не мирувале ни ден“, додавајќи дека веднаш по изборите во 2020 година и формирањето на владата предводена од Зоран Заев, започнале активности кои, според партијата, вклучувале „криминал, корупција, тендери, разни набавки или, пак, измена на урбанистички планови“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека „само еден ден од изборот на тогашната влада на Заев премина на исполнување на ветувањата кои тој му ги дал на прорускиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака“, при што, како што се наведува, „здружно СДС и ДУИ во Тетово донесоа нов ДУП поради неговите бизнис интереси“.
Во соопштението се посочува дека просторот на ШИК Јелак во Тетово бил доделен на компанијата „Јелак Градба“, во сопственост на Давидовиќ, „за да гради над 2.000 станбени единици, со тогашна вредност од над 200 милиони евра“.
Понатаму се тврди дека „сето ова, СДС и ДУИ му го овозможиле на контроверзниот бизнисмен на црната листа на САД, за и тие лапнат дел од овој милионски колач“, како и дека можеби станува збор за „оддолжување за 300 илјади евра и земјиштето во површина од 2.000 метри квадратни за кои Дака вели дека му ги дал на Заев“.
Од партијата додаваат дека „иако ова се сериозни индиции за сторен криминал, Јавното обвинителство никогаш не заангажира да го истражи“, алудирајќи и на наводите за „300.000 евра кои Дака преку Кичеец му ги дал на тогашниот премиер и претседател на СДС, Заев“.
На крајот од соопштението, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Јавно обвинителство на Република Северна Македонија „целосно да ги истражи овие случаи каде постојат индиции за сериозен криминал“, додавајќи дека „времето покажа дека каде го има СДС, таму има криминал и корупција“.
Засега нема официјален одговор од СДСМ, ДУИ или од други споменати страни во врска со овие наводи.























