Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес изјави дека конфликтот во Иран и регионот влијае на обезбедувањето здравствени услуги и безбедноста на здравствените работници, пациентите и цивилите присутни во здравствените установи.

„Во последните денови, во иранската престолнина Техеран, за време на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, се пријавени повеќекратни напади врз здравствени установи. Институтот „Пастер“ во Иран претрпе значителна штета и не беше во можност да продолжи да обезбедува здравствени услуги“, рече Гебрејесус во објава на социјалната мрежа Икс.

Како што наведе, психијатриската болница „Деларам Сина“ претрпе значителна штета поради нападот на 29 март, а фармацевтската фабрика „Тофиг Дару“, која произведуваше лекови за третман на рак и мултиплекс склероза, беше оштетена во друг напад на 31 март.

Додавајќи дека нема пријавени жртви во овие инциденти, Гебрејесус оцени дека „мирот е најдобриот лек“.

„Напади врз здравствени установи се пријавени и надвор од Техеран, вклучувајќи го и оној од 21 март, кога експлозија во близина на болницата „Имам Али“ во покраината Хузестан, доведе до евакуација на објектот и прекин на услугите“, рече тој.

Од 1 март, СЗО потврди повеќе од 20 напади врз здравствени установи во Иран, што резултираа со најмалку девет смртни случаи, вклучувајќи ја и смртта на здравствен работник за заразни болести и член на Иранското друштво на Црвена полумесечина, пренесува Танјуг.

Текстот Директорот на СЗО: Нападите врз болниците во Иран ги загрозуваат цивилите и лекарите е превземен од МАКФАКС.