Жарко Гроздановски од Брвеница е лицето уапсено под сомнение дека го убил пензионерот Климе Митрески во Охрид, пренесуваат дел од медиумите. Двајцата се познавале од претходно, а Митрески, според неофицијални информации од истрагата, склучил и договор за доживотна издршка со Гроздановски. Токму ова, според првичните информации од истрагата, е причината за Гроздановски да го убие Митрески. Од МВР, досега Гроздановски бил гонет за едно дело – закани преку социјални мрежи.

Според договорот, Гроздановски требало да се грижи за охриѓанецот Митрески, кој бил на возраст од 76 години. По смртта, требало да го наследи неговиот имот. Според истрагата и досегашните докази, Гроздановски го убил Митрески со цел веднаш да го наследи имотот.

Гроздановски во минатото, во јавноста беше познат како „лидер“ на организација наречена „Христијанско братство“. Тој беше апсен и во 2019 година кога преку Фејсбук му се закануваше на тогашниот премиер Зоран Заев кому му порачуваше: „Немој да ми чепкаш ни еден од моите браќа по вера… Двапати те пуштив, ако не ми веруваш, прашај ги твоите луѓе во УБК. Првпат во Македонски Брод, вториот пат во Јасен и Козјак… Два пати имав прилика да ја запалам Македонија, но се повлеков затоа што дадов збор: На Македонец пушка не дигам… Жими еден крст и вера ќе ве снема и тебе и СДСМ и ДПМНЕ и сите лидери во Македонија… Јас сум Жарко Гроздановски. Момче, ти си предавник!“.

„Според официјалните податоци и евиденциите на СВР Тетово, досега против лицето Ж.Г. е евидентирано само едно кривично дело „загрозување на сигурноста преку компјутерски систем“. Освен овој конкретен случај, за лицето не постојат записи за други претходни санкции или кривични постапки со правосилен исход“, велат од МВР.

Гроздановски е семеен човек, татко на три деца. Тој е магистер на медицински науки, дипломиран дефектолог.

Текстот Убиецот од Охрид е лице кое претходно му се заканувало на Зоран Заев е превземен од МАКФАКС.