Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов денеска имаше средба со Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на Мисијата, Ник Гигинеишвили.
На средбата стана збор за одржливоста на пензискиот систем, долгорочните проекции за пензии и предизвиците од демографските притисоци, политиките за подобрување на одржливоста на системот и политиките за усоглаување на пензиите.
Мемов нагласи дека во Фондот, по воспоставувањето на Одделението за долгорочно планирање, се прават анализи и се согледува севкупната состојба. Едновремено, тој информираше дека во тек е и подготовка на проекции и предлози за подобрување на финансиската солвентност на Фондот и одржливоста на пензискиот систем.
Шефот на Мисијата на ММФ, Гигинеишвили рече дека тие се фокусирани на макроекономската и монетарната состојба и проекции, и ја гледаат широката слика, во која дел е и пензискиот ситем.
Проценките на ММФ говорат дека е неопходно да се преземат активности што поскоро за консолидирање на пензискиот систем, имајќи ги во предвид сите предизвици и тоа е пораката што ќе ја пренесат до Владата во текот на оваа посета.
Директорот Мемов и шефот на Мисијата на ММф, Гигинеишвили се согласија дека во наредниот период е потребна сериозна координирана активност на сите чинители, вклучувајќи ја и Светска банка, за да се направат сите потребни чекори во обезбедувањето на финансиски стабилен Фонд и на долг рок одржлив пензиски систем.
Текстот Мемов со Мисијата на ММФ: Неопходно да се преземат активности што поскоро за консолидирање на пензискиот систем е превземен од МАКФАКС.























