Предлогот на Александар Вучиќ и Еди Рама земјите-кандидатки за членство во ЕУ да станат дел од единствениот пазар и безвизната Шенген зона е најдобриот начин да се спречи нестабилност на Западен Балкан и Европа, оцени Тони Барбер, долгогодишен уредник за Европа и колумнист на „Фајненшл тајмс“.
„Од гледна точка на практичната политика, полноправното членство во ЕУ веројатно ќе остане недостижно во блиска иднина, зајакнувајќи ја нестабилноста во регионот на Европа каде што ЕУ најмалку може да си го дозволи тоа. Најдобриот пат напред е да се спроведе планот Вучиќ-Рама, покажувајќи им на луѓето и на Западен Балкан и во ЕУ дека заедничката иднина е заемно корисна“, оцени Барбер во авторски текст за бриселскиот портал „Eualive“.
Во врска со иницијативата на претседателот на Србија и премиерот на Албанија, која ја презентираа во заедничка статија во „Франкфуртер Алгемејна Чајтунг“ кон крајот на февруари, Тони Барбер наведува дека „такви идеи веќе циркулираат во Брисел, како и во Берлин и Париз“.
„Аргументите во нивна корист се двојни. Прво, економската интеграција би им користела и на Западниот Балкан и на постојните земји од ЕУ. Второ, новиот пристап би ги избегнал незгодните прашања како што се промена на составот на Европската комисија, додавање членови во Европскиот парламент, промена на начинот на гласање во ЕУ и, пред сè, давање право на вето на новите членки“, рече тој.
Според британскиот коментатор, предлогот на Вучиќ и Рама „не треба да се сфати како замена за полноправно членство во ЕУ, кое мора да остане долгорочна цел за Западниот Балкан“.
Тој додава дека нема да им биде лесно на сите земји од регионот да ги исполнат условите дури и за влез во единствениот пазар и дека сè уште е потребна многу напорна работа на реформите.
„Иако новите истражувања покажуваат дека земјите од Западен Балкан се приближно таму каде што беа другите кандидати во времето на пристапувањето, сепак ќе биде потребна многу напорна работа на реформите“, рече Барбер.
Сепак, додаде тој, проектот за проширување на ЕУ е област каде што Европејците „имаат моќ да ги обликуваат настаните во нивна корист“, а балканскиот регион треба да биде приоритет на ЕУ кога станува збор за проширување.
Барбер потсетува дека само една членка на ЕУ може да блокира колективни дејствија на ЕУ со помош на вето, што ги прави другите држави на ЕУ „нервозни за идна парализа доколку шест или повеќе земји се приклучат на блокот, сите со право на вето“.
„Иницијативата Вучиќ-Рама има за цел да ги ублажи овие стравувања“, додаде тој.
„Неуспехот во проширувањето ќе ги остави земјите што сакаат да се приклучат на ЕУ ранливи на внатрешни тензии и надворешно мешање. Ова, пак, ќе ја поткопа безбедноста на континентот како целина. Охрабрувачки е што и ЕУ и некои земји кандидати конечно размислуваат за проширувањето на доволно креативен начин за да им овозможат на многу амбициозни членки да бидат ставени под капата на ЕУ за пет години“, рече Тони Барбер.
Текстот Британски коментатор: Предлогот на Вучиќ и Рама е најдобриот начин да се спречи нестабилност на Балканот и ЕУ е превземен од МАКФАКС.























