Во демантот на Министерството за одбрана по објавата на претседателот на Независен синдикат на професионални војници за катастрофалната состојба со објектите каде престојуваат професионалните војници се искажаа низа навреди и клевети од страна на министерството кон Александар Насковски претседател на синдикатот, реагираат од синдикатот.
„Иако МО потврди дека и 50 години не се реновирани објекти во касарните, од поранешната ЈНА и исто така во овие 35 години не е воопшто вложувано во реновирање на овие стотици објекти, сепак не им сметаше да искажат обвинувања за наводен криминал.
Прашања на кои треба да се одговори од страна на МО се следните: Колку буџети имало министерството за одбрана во овие 35 години за ништо да не се вложи во модернизација и обнова на објекти? Колку години била на власт оваа гарнитура во тие 35 години? Дали министерот за одбрана беше министер и во претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и зошто тогаш како член на владата не се грижеле за подобрување на Армијата? Дали се малку скоро две години и два најголеми буџети на Армијата за министерот за одбрана да иницира итно реновирање на овие објекти. Или сепак неможел да ги види овие објекти бидејќи не се за сликање и јавно објавување , туку само добри се тие објекти кои моментално се подобни за сликање и ПР кампања“.
Ова, се додава во напишаното, е очекувана реакција од страна на институција како Министерство за одбрана.
„Кое сака да ја сокрие вистината која не може да се сокрие, кога ќе се соочат со реалната слика на состојбата во Армијата, тоа им смета и затоа се измислуваат и монтираат вакви деманти со навредлива содржина.
Тука не постои никакво извртување на реалната слика за состојбата во Армијата, но во делот дека се нецелосни се сложувам, ова е само еден објект, затоа ќе ги објавиме во наредниот период сите вакви објекти за сликата да биде целосна и пореална“.
Прашуваат што треба да прави синдикат во ситуација кога, како што велат, состојбата е катастрофална и има игнорирање од страна на МО и целосна блокада.
„А за кредибилитетот на овластеното лице на Министерството за одбрана ќе објавиме во наредниот период со детално објаснување колку има кредилибитет и колку се работи незаконски во министерството за одбрана.
Освен оцрнување на легитимни и законски синдикати и нивните претставници не видовме ништо друго од оваа власт, како социјален дијалог или подобрување на условите и платите на припадниците на Армијата. Како што го следеа семејството на колегата Слободан Трендафилов од ССМ, очигледно треба да го очекуваме ова и од Министерството за одбрана и од службите кон претседателот на НСПВ СО Александар Насковски поради барањата на синдикатот и синдикалната борба за подобри права и плати на припадниците на Армијата“.
Во однос на кривичната пријава од Министерството, Насковски ја оценува како апсурдна, поставувајќи прашања дали членарината на синдикатот се смета за средства на Министерството и зошто институцијата не ги исплаќа средствата кои, според него, се предмет на судски спор.
„Дали министерството за одбрана смета дека средствата од членарината на членовите на синдикатот се средства и сопственост на Министерството за одбрана? Дали средствата кои не се исплаќаат на синдикатот од декември 2023 кои се предмет на тужба против Министерството за одбрана ги префрлате на сметка на МО или треба да одат на сметката на синдикатот ?
Ако јас сум го оштетил министерството, што е невиден апсурд да се изјави такво нешто, тогаш зошто го тужам Министерството за одбрана за штета ?!
На овие прашања треба да одговори министерот за одбрана Владо Мисајловски како овластено лице и работодавец на МО. А не да врши притисоци преку ОЈО со цел да се замолчи најгласниот синдикат во Армијата. Јавноста веќе се заинтересира за состојбата во Армијата, доказ за тоа се 1.3 милиони прегледи на објавите за 3 месеци и стотици реакции и коментари.
Јас како претседател на Независен синдикат на професионални војници СО нема да отстапам ни милиметар од синдикалната борба и од покажување на вистината на македонската јавност, а ниту пак може да ми се заканувате и вршите притисоци, јас носев униформа 26 години во Армијата на Р Македонија, бев во војна за оваа наша земја Македонија, а од политичари воопшто не се плашам , поднесете 100 кривични со 100 лаги ако сакате, на крај вистината секогаш ќе излезе на виделина.
Вистината за Армијата ќе биде објавена во целост. Ви ветувам, порачува Насковски.
Текстот „Вистината за Армијата ќе биде објавена во целост“: претседателот на Независниот сидникат на професионални војници обвинува за притисоци е превземен од МАКФАКС.























