Украина распореди 201 експерт со искуство во справувањето со иранските беспилотни летала од типот „Шахед“ на Блискиот Исток и регионот на Заливот, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Распоредувањето доаѓа во време кога Иран возвраќа на нападите на САД и Израел, лансирајќи беспилотни летала и ракети врз американски бази, дипломатски објекти и цивилни цели низ целиот регион.
Киев има стекнато богато искуство во одбраната од иранските беспилотни летала „Шахед“ откако Русија ги користеше масовно во напади врз украинските градови и инфраструктура во 2022 година.
„Во моментов, 201 Украинец се наоѓаат на Блискиот Исток и во регионот на Заливот, а уште 34 се подготвени да бидат распоредени. Станува збор за воени експерти, луѓе кои знаат како да помогнат и како да се одбранат од вакви беспилотни летала“, рече Зеленски за време на неговото обраќање пред британскиот парламент.
Според него, украинските тимови веќе пристигнале во Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија, додека дополнителен персонал е на пат кон Кувајт.
Зеленски додаде дека распоредувањето дошло на барање на партнерите, вклучувајќи го и Вашингтон, и дека е дел од поширок договор за беспилотни летала предложен од Киев до Соединетите Американски Држави.
фото/Depositphotos
Текстот Зеленски: Испративме 201 експерт на Блискиот Исток и земјите од Заливот е превземен од МАКФАКС.























