Военото партнерство меѓу Загреб, Приштина и Тирана е директно насочено против Србија, а во одреден момент кон него би можела да се приклучи и Бугарија со своите стремежи и амбиции кон Северна Македонија и југоисточна Србија, во зависност од тоа кој е на власт во Софија.

Ова го изјави Владимир Џукановиќ, дел од раководството на владејачката Српска напредна партија (СПП), јавува БГНЕС.

„Според сè што се прогнозира и што веќе јасно може да се види од однесувањето на нашите соседи, во одреден момент на Балканот ќе избувне конфликт“, изјави тој.

Во авторски текст за српскиот весник „Политика“, Џукановиќ пишува дека сè околу т.н. „воен сојуз“ „е јасно како бел ден“.

„Кога ќе дојде до отворен воен судир меѓу Русија и Европската унија – а сосема е јасно дека до таков судир неизбежно ќе дојде – тогаш Србија ќе биде нападната од овој сојуз и војната ќе биде неизбежна“, нагласи Џукановиќ.

„Затоа принципот на Вучиќ да се вооружуваме до заби и да вложуваме големи средства во модернизацијата на армијата е наша животна неопходност“, пишува тој, додавајќи дека „нема намера да плаши никого со овој текст, туку едноставно не сака да бега од реалноста“.

„Ракавиците се симнати, а шансата да го зачуваме мирот се мери со тоа колку сме подготвени за сериозен конфликт. Колку повеќе сме подготвени, толку е поголема шансата да го одвратиме секој потенцијален агресор да нè нападне“, додаде Џукановиќ.

Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за соработка во одбраната на 18 март 2025 година во Тирана. Станува збор не за воен сојуз, туку за тристранска соработка во областа на одбраната и безбедноста меѓу трите држави. Документот беше потпишан од министрите за одбрана на трите земји за време на средба во Тирана.

Декларацијата предвидува зајакнување на одбранбените способности со цел подобрување на воените капацитети на секоја држава преку соработка и координација, создавање услови за поефикасен одговор на закани за националната и регионалната безбедност, како и развој на одбранбената индустрија и заеднички технологии.

Документот опфаќа и заеднички воени вежби, размена на искуства, обука и образование на персоналот, зголемување на оперативната интероперабилност на вооружените сили, како и соработка при хибридни закани. Трите земји разменуваат информации за кибернапади, дезинформации и други закани што можат да влијаат врз безбедноста, како и координираат активности во ситуации што не се директно воени, но влијаат на стабилноста.

Декларацијата изразува заедничка посветеност кон поблиска интеграција во евроатлантските институции, вклучително и НАТО, како и поддршка за учество на Косово во програми како „Партнерство за мир“, што би ја зајакнало неговата врска со Алијансата.