Четиринаесет од најтешко повредените во дискотеката „Пулс“ во Кочани биле спасени во болници во Бугарија. Една година по трагедијата, бугарските лекари сè уште се сеќаваат на настаните и на пациентите што ги лекувале, јавува телевизијата Bulgaria On Air, пренесува Трибуна.
„Беше неработен ден. Тогашниот министер за здравство доц. Силви Кирилов ми се јави околу 8 часот наутро и ми кажа дека во текот на ноќта се случил трагичен инцидент во Кочани, при кој се повредени многу деца. Не се знаеше точниот број на настрадани“, изјави директорот на Универзитетската болница за итна медицина „Н. И. Пирогов“ во Софија, д-р Валентин Димитров.
Без точни информации за бројот и состојбата на повредените, лекарите веднаш подготвиле план – организирале болнички кревети, медицински тимови и собирање крв. Во „Пирогов“ биле примени девет од најтешко повредените, сите млади луѓе.
„Немаше потреба да ги повикувам луѓето. Тие едноставно дојдоа сами. Никој не си замина од работното место цела недела“, изјави проф. д-р Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата.
Освен медицинска, повредените добиле и психолошка помош. „Се чувствувавме многу одговорни и секој од нас направи сè за овие луѓе да си заминат живи и со што е можно подобар исход“, додаде Аргирова.
„Не изгубивме ниту еден живот за време на лекувањето“, рече д-р Димитров, додавајќи дека рехабилитацијата на некои од повредените продолжува и денес. „Кога треба да ја завршиш работата – тогаш си прибран и мора да мислиш. Емоциите доаѓаат подоцна, кога се раскажува за тоа.“























