Бугарија повторно се вброи меѓу водечките земји во Европа и е на прво место во Источна Европа според бројот на прифатени трудови на една од најпрестижните светски конференции за вештачка интелигенција – International Conference on Learning Representations (ICLR) 2026, јавува Трибуна.

Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија (INSAIT) во рамките на Софискиот универзитет има осум прифатени научни трудови. Годинешното издание на конференцијата ќе се одржи од 23 до 27 април 2026 година во Рио де Жанеиро, Бразил, каде илјадници истражувачи од академијата и индустријата ќе ги претстават најновите резултати од своите истражувања.

Трудовите на истражувачите од INSAIT опфаќаат теми како способностите за расудување на големите јазични модели, методи за обновување на слики, евалуација на мултимодално расудување кај AI моделите, анализи на математички докази генерирани од јазични модели и нови пристапи за 3D реконструкција и понадежни модели.

Истражувањата се реализирани во соработка со научници од водечки универзитети, меѓу кои Масачусетскиот технолошки институт (MIT), ETH Цирих и Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг.