Повеќе специјалисти од различни медицински области се вклучени во третманот на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“, вели докторката на кочанската болница, Катерина Паниќ-Мирчовска. Таа посочи дека во третманот се вклучени психијатри, дерматолози, пулмолози и хирурзи, кои работат со пациентите и ја следат нивната здравствена состојба.
„Организирани се повеќе специјалисти од повеќе специјалности. Психијатрите, дерматолозите, пулмолозите и хирурзите работат со повредените. Вчера имавме повеќе хирурзи од Европа и Балканот на конференцијата и ја искористивме можноста да ги консултираме за понатамошни посложени интервенции“, изјави Паниќ-Мирчовска.
Таа додаде дека во блиска иднина кај дел од пациентите ќе започнат хируршките интервенции, но нагласи дека станува збор за сложени повреди и лузни по изгореници, поради што мора да се постапува внимателно.
„Тоа се сложени лузни и сложени повреди и не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да значи нова лузна. Треба да бидеме особено внимателни со лузните на прстите, рацете и лицето“, истакна таа.
Паниќ-Мирчовска посочи дека и физичката активност може да помогне во рехабилитацијата, па така спортот претставува и еден вид физикална терапија за повредените, особено за оние кои имаат изгореници на рацете.
Изјавата е дадена по повод хуманитарен кошаркарски натпревар организиран во спомен на жртвите од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година.
Текстот Една година по сташниот пожар во „Пулс“, дел од повредените ги чекаат сложени операции од изгорениците е превземен од МАКФАКС.























