Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, изјави дека тврдењата на српските власти дека се вооружуваат за одбрана од соседните земји не се основани и дека со купувањето кинеско оружје Србија покажува хегемонистички тенденции кон нив.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот изјави дека Србија купила разорни кинески надзвучни балистички ракети CM-400 и дека „се подготвува да биде нападната од сојуз што го формираат Приштина, Тирана и Загреб“.

Маќедонци во изјава за Радио Слободна Европа рече дека Србија веќе неколку години набавува оружје од Русија и Кина и дека тоа „не е поврзано со никаква актуелна закана по Србија“.

„Ниту една соседна држава на Србија во ниту еден случај не покажала агресивна или напаѓачка намера“, изјави Маќедонци, додавајќи дека токму Србија покажува територијални претензии кон Косово.

Вучиќ ден претходно за Радио-телевизија Србија изјави дека Војската на Србија успешно ги интегрирала кинеските ракети на руските борбени авиони МиГ-29 што ги поседува.

„Имаме значителен број ракети и ќе имаме уште повеќе“, изјави српскиот претседател.

Тој не одговори на прашањето на новинарите колку точно чинеле кинеските ракети, наведувајќи дека се „многу скапи“, но дека Србија добила „мал попуст“.

Косовскиот министер за одбрана оцени дека купувањето оружје од Кина е продолжение на политиката на Вучиќ.

„Република Србија воените набавки главно ги реализира од земји кои не се членки на НАТО. Стратешките набавки Србија најчесто ги правеше од Руската Федерација и Кина. Од Кина Министерството за одбрана на Србија набави противвоздушни ракетни системи FK-3, HQ-17 и HQ-9, како и беспилотни летала и различни радари“, рече Маќедонци.

Според податоците на Меѓународниот институт за истражување на мирот (SIPRI) од Стокхолм, во периодот 2020–2024 година Србија најмногу оружје увезла од Кина (57 проценти), потоа од Русија (20 проценти) и од Франција (7,4 проценти).

Србија е првата европска земја што набавила кинески дронови CH-92 и CH-95, како и системи за противвоздушна одбрана FK-3 и HQ-17.

По веста за српската набавка на ракети, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека за тоа прашање ќе разговара со НАТО.

Вучиќ, реагирајќи на изјавата на Пленковиќ, рече дека „Загреб нема да одлучува што ќе има Србија“.

„Ние не можеме да напаѓаме НАТО земји, а и Албанија и Хрватска се НАТО земји. Ниту сакаме да ги напаѓаме. Но мислам дека тоа се нивните единствени намери. Само го чекаат моментот. Србија има доволно одвраќачка сила за две земји и еден ентитет“, изјави Вучиќ.

Хрватска, Албанија и Косово во март 2025 година потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која српските власти ја оценија како закана за безбедноста на Србија.

Текстот Министерот за одбрана на Косово: Србија со купувањето кинески ракети покажува хегемонистички амбиции е превземен од МАКФАКС.