Владата и општината интензивно инвестираат во инфраструктурни проекти што треба да го подобрат квалитетот на живот на жителите на Кочани и околните општини, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Кочани.
Тој посочи дека се работи на повеќе проекти, меѓу кои и изградбата на експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница, Делчево и граничниот премин со Бугарија.
„Првата делница од Кочани до Виница, проектирањето е завршено таа ќе се изведува со сопствени средства, се бара финансирање за делот од Виница до Делчево и мислам успешно ќе се заврши тој процес, проектирањето тече така што сето она за коешто сме зборувале ќе го реализираме и работиме согласно приоритетите“, рече Мицкоски.
Премиерот информираше и дека ќе се санира доводниот цевковод на геотермална вода, при што една општествено одговорна компанија ќе ги покрие трошоците.
„Таа иста општествено одговорна компанија ќе изврши санирање на тој цевковод така што некаде околу 8 или 9 места парчиња цевки треба да се пресечат и заварат нови за да се санира, исто како и отплатата за изолација термичка така што тие се нафатија како општествено одговорна компанија тоа да го направат без да биде наплатено ниту денар“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува проектите во Кочани, но и во соседните општини, меѓу кои Чешиново-Облешево, Виница, Штип, Карбинци и Пробиштип.
„Ние како Влада ќе продолжиме да даваме приоритет на Кочани и на општините за коишто зборувавме бидејќи не можеме да го повратиме она што е загубено, но барем да обидеме дел од таа енергија да ја повратиме за да можат луѓето се вклучат во нормалните текови на живот“, рече Мицкоски.
Текстот Експресен пат и поправка на геотермалниот цевковод: Мицкоски најави нови инвестиции во Кочани е превземен од МАКФАКС.























