За уште две седмици, до 8 март 2020 година, грчката Влада ја продолжи одлуката за ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за мерките што веќе 11 месеци се продолжуваат, а новата одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната” за да се ограничи ширењето на коровирусот синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, а од утре во 6 часот наутро стапува во сила.
Првиот член се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови”.
За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Какавија и кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.
Отворените гранични премини работат од 7 до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.
Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија”, објави МИА.
Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Израел.
Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), а задолжителен е и седумдневен домашен карантин.
Претходната одлука беше од 8 до 22 февруари, а новата стапува во сила од утре во 6 часот.
Одлуката е потпишана од надлежните министри за развој и инвестиции, за цивилна заштита, за труд и социјални прашања, за поморство, за внатрешни работи, за здравство, од министерот и заменик-министерот за транспорт и инфраструктура, како и од алтернативниот министер за финансии.