Телевизија 24 го објави документот според кој одбраната на дел од осомничените бара јавното обвинителство да изврши ревизија на обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и да ја запре постапката за дел од обвинетите кои во релевантниот период не извршувале функција, пренесува ТВ 21.
Барањето е адресирано до стручниот колегиум на Јавното обвинителство, како и до вршителката на должноста шефица на Републичкото јавно обвинителство, Анита Тополова Исајловска. Според документот до кој дојде ТВ24, одбраната се повикува на последната одлука на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со која постапката беше раздвоена.
Со одлуката, за дел од полициските службеници е поднесено обвинение како соизвршители за тешки дела против безбедноста, додека за други лица обвинението се однесува на злоупотреба на службената должност и давање лажни информации.
Одбраната смета дека ваквата правна квалификација и раздвојувањето на постапката отвораат прашања за основаноста на дел од обвинението и бараат обвинителството повторно да ги разгледа наводите и доказите во предметот.
– Ова барање- иницијатива се доставува за постапување на стручниот колегиум , согласно на член 19 од законот на ЈО за единствена примена на законите со што ќе се ревидира поднесениот обвинителен акт од 13.20205 но и повлекување на обвинението во однос на обвинети лица кои немале директни дејствија или овластување во време на настанатиот пожар како тоа неспорно се чини со поднесениот обвинителен акт од ОЈО ГОКК за кривично дело „ тешки дела против безбедноста“ во однос на лица со директни овастувања при настанувањето на самиот пожар како службени или одговорни лица.
Во документот, одбраната се повикува на начелото на еднаква примена на законот, по последната одлука што се однесува на полициските службеници, и бара идентичен пристап и во однос на другите обвинети.
Според наводите, лицата за кои се бара повлекување на обвинението не се службени лица, а нивните функции во институциите престанале пред седум месеци, две години, односно пред 12 години. Дополнително, одбраната тврди дека тие немале овластувања кои би можеле да се доведат во директна врска со настанатиот пожар.
Во иницијативата, одбраната децидно се повикува на трите обвиненија поднесени од ОЈО ГОКК против полициски службеници, со посебен акцент на оние кои се гонат како соизвршители за тешки дела против безбедноста, оценувајќи дека принципот на еднаквост пред законот треба доследно да се применува и во нивниот случај.
– Поднесениот обвинителен акт од ОЈО ГОКК за кривично дело „ тешки дела против безбедноста„ во однос на полициските службеници СЕ ОДНЕСУВА САМО НА ЛИЦА кои имале непосредни СЛУЖБЕНИ обврски во периодот од 14.03-16.03 2025 г.























