1405 – Во текот на инвазијата која ја предводеше против Кина умре монголскиот владател, емирот Самарканда Тимур Ленк, наречен Тамерлан, освојувач на Персија, Индија, Месопотамија и поголем дел од Мала Азија, чие царство се простираше од Москва до Кинескиот ѕид. Во 1402 година го порази турскиот султан Бајазит Први во битката кај Ангора со што Османлиската држава за неколку децении беше забавена во текот на освојувањето на Југостична Европа.
1455 – Умре италијанскиот сликар Фра Анџелико, доминикански калуѓер, еден од најважните претставници на раната ренесанса. Неговите најважни трудови се фреските во манастирот „Свети Марко“ во Фиренца и фреските во Ватикан.
1516 – Родена е англиската кралица Мери Прва Тјудор, ќерка на Хенри Осми, наречена „Крвавата Мери“, која во текот на владеењето од 1553 па се до нејзината смрт во 1558 година се обиде да го спречи протестантизмот и во Англија да го врати римокатолицизмот. Како сопруга на шпанскиот крал Фелипи Втори, под влијание на римокатоличката реакција, англиската политика ја водеше според интересите на Шпанија. Англиското граѓанство, здружено со „ново племство“, го воспостави повторно протестантизмот (англиканска црква која заради судирот со Рим ја основа Хенри Осми), кога во 1558 година на престолот дојде нејзината сестра Елизабета Прва.
1519 – Шпанскиот конквистандор и авантурист Ернандо Кортес (1485-1547) се упати од Сан Доминго кон Мексико со флота од 11 бродови, 110 морнари и 570 војници. Таа воена единица, составена од авантуристи и пропаднати луѓе, се нафрли врз старата ацтешка цивилизација и за кратко време, на најкрвав начин го совлада големото царство на кралот Монтезума.
1546 – Умре Мартин Лутер, основач на Протестанската црква во Германија и водач на реформацијата на Христијанската црква. Со преводот на “Библијата” – стана втемелувач на германскиот литературен јазик. Во 1517 година, јавно ги изнесе 95-те тези за реформа на црквата, што доведе до широко народно движење против папската власт. Всушност, движењето беше насочено против феудалното општествено уредување, на кое црквата му даваше организациона форма. Кога реформацијата доведе до селанска војна против феудализмот во 1525 година, Лутер направи се движењето да биде задушено. Роден е на 10 ноември 1483 година.
1564 – Во Рим умре Буонароти Микелаџело, италијански скулптор, сликар, градител и поет, еден од најголемите уметници на целата историја на цивилизацијата. Негови најпознати дела се скулптурите на “Давид”, “Бахус”, “Мојсеј”, “Робови”, “Пиета”, циклусот фрески и олтарскиот дел на Сикстинската капела во Ватикан, како и архитектонското решение на базиликата “Свети Петар” во Рим. Роден е во Капрес, на 6 март 1475 година.
1745 – Роден е Александар Волта, италијански научник, физичар. Според неговото име се наречени голем број поими во физиката: волт, волтампер, волтин лак. Умре во 1827 година.
1856 – Во Турција беше издаден акт, таканаречен Хати-хумајун, со кој им се ветува верска и национална рамноправност на сите народности во Турската империја, слобода на вероисповеста и слобода на совеста, мешани судови, право на христијаните да можат да стапуваат на државни должности, да служат во турската војска итн.
1861 – Првиот Парламент на Италија го прогласи за крал Виторио Емануел Втори.
1865 – Северната флота во Американската граѓанска војна го зазеде градот Чарлстон во Јужна Каролина, едно од најважните упоришта на јужните сили.
1896 – Роден е францускиот писател Андре Бретон, главен теоретичар на надреализмот. Заедно со француските писатели Луј Арагон и Филип Супо во 1919 година го основаа весникот „Литература“, орган на дадаистичкото движење. Потоа во психоанализата побара средство за откривање на вистината и во првиот и вториот Надреалистички манифест во 1924 и во 1930 година се обиде да го примени во уметноста со што ги даде теоретските и филозофските основи на надреализмот. Владата во Вишиј во 1941 година ја забрани неговата „Антологија на црниот хумор“, по што беше принуден да избега во САД. Во 1946 година се врати, а во Париз во 1947 органишираше Меѓународна надреалистичка изложба. Дела: „Надреалистичка револуција“, „Наѓа“, „Сјајот на земјата“, „Изгубени чекори“, „Фатаморгана“, „Надреализам и сликарство“.
1915 – Германија во Првата светска војна со помош на подморници ја започна поморската блокада на Велика Британија.
1932 – Роден е чешкиот филмски режисер Милош Форман, мајстор за атмосфера, извонреден аналитичар на менталитетот. Неговиот филм „Лет над кукавичкото гнездо“, кој го сними по одењето во САД, каде се здоби со американско државјанство, доби пет Оскари. Останати филмови: „Црн Петар“, „Љубовта на една русокоса“, „Гори, гори моја госпоѓице“, „Соблекување“, „Коса“, „Амадеус“ (Оскар), „Народот против Лари Флинт“.
1950 – Во Прилеп, аматерите на КУД „Мирче Ацев“, претходно работници на Тутунскиот комбинат, со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајловски, ги поставија темелите на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
1950 – Во Марибор умре Воранц Прежихов (вистниското име му е Ловро Кухар), словенечки писател и револуционер. Во своите дела се претставува како сугестивен сликар на животот на словенечкото село. Познати негови дела се романот „Пожганица“, „Добердоб“ и „Јамница“, збирката новели “Самоникнати“ и расказите за младинци „Момина солза“. Роден е во Подгора, во Корушка, на 10 август 1893 година.
1952 – Грција и Турција станаа членки на НАТО.
1956 – Умре францускиот композитор Гистав Шарпантје, кој во 1902 година го основа „Конзерваториумот Мими Пинсон“, со настојување да овозможи услови за музичко образование на париските граѓани. Дела: операта „Лујза“, оркестарска свита „Импресии од Италија“.
1960 – Аргентина, Бразил, Мексико, Парагвај, Перу, Уругвај и Чиле се договорија да формираат Латиноамериканско здружение за слободна трговија.
1965 – Прогласена е независност на африканската држава Гамбија во рамките на Британскиот комонвелт.
1967 – Умре американскиот атомски физичар Роберт Опенхајмер, професор на Универзитетот во Калифорнија, кој во Втората светска војна има водечка улога во изработката на првата атомска бомба. На повик на Министерството за труд на САД, во 1942 година го напушти Универзитетот и до 1945 година раководоше со лабораторијата за изработка на атомски бомби во Лос Анѓелес, а потоа со работа продолжи „во подготовката на нуклеарната енергија за воени цели“, која му ја довери истото министертво. Од 1953 година беше под сомнение дека одржува врски со комунизмот и му беше забрането да работи со атмоски програми, бидејќи се противеше на производството на хидрогенски бомби и се залагаше за користење на нуклеарната енергија во мирновременски услови. Владата на претседателот Џон Кенеди го рехабилитираше во 1963 година, а Комисијата за атомска енергија на САД му ја додели Фермиевата награда.
1986 – Во Лос Анџелес умре Пол Стјуарт, американски филмски актер и режисер. Настапи во повеќе од 60 филмови, меѓу кои се “Граѓанинот Кејн” и “Одмаздата на Пинк Пантер”. Роден е во 1909 година.
1992 – Со одлука на Собранието на Република Македонија е основана Македонската Информативна Агенција (МИА), јавен информативен сервис, од редот на новинските агенции што настојуваат да ги задоволат професионалните стандарди во сферата на нејзината функција – секојдневно континуирано регистрирање настани и појави и продукција и емитување вести и други прес-информации и материјали. МИА 24 часа емитува вести на македонски, на албански и на англиски јазик. Го сервисира целиот информативен простор – печатените и електронските медиуми во земјата и медиумите на македонски јазик во странство, државните органи и институции, македонските амбасади и други странски организации, институции, мисии… МИА произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени. МИА, исто така, продуцира Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата. МИА ангажира педесетина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство. Од непознати причини, активирањето и функционирањето на Агенцијата се одложуваше наредните 5-6 години. Тогашната влада реши професионалното агенциско работење да го супституира со основање на Македонско прес биро (МПБ), кое функционираше во рамките на тогашното Министерство за информации. МПБ во 1994 година стана член на АБНА, Асоцијација на балкански новински агенции. Во почетокот на 1998 владата донесе одлука МИА да се активира и да профункционира, како јавно претпријатие. Редовната продукција на вести, како јавен информативен сервис, МИА ја започна на 30 септември 1998 година. Во почетокот тоа беа вести и извештаи на македонски и англиски јазик. Во мај 1999 година во МИА е формирана Албанска редакција и од тогаш Агенцијата има редовни сервиси на албански јазик. Денес МИА секој ден до своите корисници, од сите сервиси и потсервиси емитува од 300 до 350 артикли, што на месечно ниво изнесува околу 9.750 артикли. Со одлука на Владата на Република Македонија, од април 2006 година, МИА од јавно претпријатие се трансформираше во акционерско друштво со назив А.Д. Македонска Информативна Агенција, во државна сопственост. МИА е членка на Светскиот конгрес на новински агенции – NAWC, на Асоцијацијата на балканските новински агенции – АБНА, како и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – BSANNA. МИА исто така е и дел на информативните пулови на: РОМПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА-МПА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија)… МИА соработува и со големите новински агенции – француската ФРАНС ПРЕС, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, руската ИТАР-ТАСС, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси ДОЈЧЕ ВЕЛЕ, СЛОБОДНА ЕВРОПА, ГЛАСОТ НА АМЕРИКА…
1994 – Владата на Република Македонија донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и САД на ниво на амбасади.
1996 – Во експлозија на две автомобил-бомби близу главниот град на Алжир, која ја подметнаа исламски терористи, загинаа 12 луѓе.
2002 – На полноќ меѓу 17 и 18 февруари франкот престана да биде легално платежно средство во Франција после 641 година. Така Франција, после Холандија и Ирска, стана третата земја од 12-те земји во евро зоната која ја прекина својата валута и премина на евро.
2003 – Во подметнат пожар во метро во јужнокорејскиот град Тег загинаа 198 лица.
2004 – Во експлозија на товарен воз кој превезуваше сумпор, бензин и ѓубриво кај градот Нишапур во североисточен Иран загинаа повеќе од 300 луѓе, а пет села беа уништени. Од силната детонација испукаа прозорците на зградите оддалечени повеќе од 10 километри од местото на несреќата.
2006 – Муслимани во Нигерија убија најмалку 15 луѓе во текот на нападот на христијаните во протестите поради објавувањето на карикатура на пророкот Мухамед во Европа. Демонстрантите исто така запалија 15 христијански цркви во североисточниот град Маидугуриј.
2007 – Во Багдад загинаа најмалку 60 луѓе, а околу 130 беа повредени во експлозија на три автомобил-бомби во делови на Багдад во кои шиитското население е побројно.
2008 – Умре францускиот писател Ален Роб-Грие, член на Француската академија. Во литературата влезе во педесеттите години на 20. век, како теоретичар и еден од најпознатите претставници на францускиот „нов роман“. Филмската кариера ја започна во 1961 година кога го напиша сценариото, по сопствен роман, за филот „Минати години во Мариенбард“, за кој беше номиниран за Оскар. Како режисер се прослави со филмот „Убавата заложничка“.