Д-р Добринка Наунова Јовановска – специјалист за неуроинфекции од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, е првото здравствено лице во Македонија која ја прими вакцината против Ковид 19. Веднаш потоа се вакцинираше и главната сестра Габриела Темелковска. Со нив практично започна имунизацијата на здравствените работници.

-Ја примив вакцината и се чувствувам одлично. Аплицирањето на вакцината е безболно. Порачувам секој да прими вакцина, по сопствен избор секако. Но тоа е единствениот начин да се заштитиме од инфекцијата со која се соочуваме цела година, со која целиот свет се бори, па и ние сосем добро. Втората доза ја примам за 21 ден. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние кои нема да го сторат тоа, вели д-р Добринка Наунова Јовановска.

Здравствените работници се вакцинираат со вакцини добирани од Србија, а до крајот на месецот се очекуваат и 200 илјади дози од Кина, со што ќе почне вакцинацијата и на постарите лица.