Вкупно 53.070 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 24.958 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна денеска во Модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде се вакцинираат вработените во таа јавна здравствена установа.
Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје.
Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.