Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржа годишна прес-конференција на која ги презентираше работењето и активностите на Судот во изминатата година, како и приоритетите за 2026 година.
Упати апел до Судскиот совет и до Собранието да изберат двајца нови уставни судии, со цел Уставниот суд да продолжи непречено да ја извршува својата надлежност.
„Заокружуваме година во која Судот работеше ефикасно и транспарентно, во услови на зголемени очекувања и комплексни предизвици. Во услови на динамични општествено-политички процеси, Судот и покрај притисоците и влијанијата, останa цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот“.
Костадиновски истакна дека Уставниот суд, одговорил на доверената задача, професионално, независно и непристрасно.
„Ќе кажам дека не беше лесно и едноставно, ниту пак одлуките секогаш беа примени со одобрување во јавноста. Но, при носењето на одлуките се водевме од една единствена цел, а тоа е лојалноста кон Уставот, наспроти сите останати политички, економски и партиски обиди за влијанија“.
Според него, довербата на граѓаните во Уставниот суд продолжува да расте.
„Оваа година, до овој момент, имаме оформено 306 предмети, што е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, 7 од политички партии, 8 од државни институции, 3 од општини, а 2 предмета се по сопствена иницијатива на Судот.
Прегледот на статистичките податоци укажува дека годинава имаме решено 230 предмети, бројка која е приближно иста како минатата година и се издигнува над просекот во последните 5 години.
Наспроти комформизмот на претходните состави, овој состав на Судот покажа судски активизам, не чекаше некој друг да му ја заврши работата. Внесовме и применивме значајни реформи.
Судот преку својата работа покажа дека правдата не смее да чека“.
Судот, оцени тој, го положи тестот на професионално, одговорно, непристрасно и независно постапување во периоди кога биле напаѓани и етикетирани со непристојни квалификации.
„Кога се вршеа притисоци и влијанија, кога се изрекуваа лаги и манипулации, насочени кон поединци и кон целата институција. Во такви моменти, манифестиравме интегритет и кредибилитет, чувајќи ја нашата независност и самостојност во делувањето.
Нервозата кај политичарите и државните органи од постапувањето на Уставниот суд значи само едно, а тоа е дека Судот е на прав пат при постапувањето. Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со инегритет.
Упати апел со Судскиот совет: „Да постапат итно, неодложно и во најбрзо време. Да предложат кандидат за Уставен судија!
До Собранието – да постапат итно, неодложно и во најбрзо време! Да изберат уставни судии!
До политичарите –Да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и да се воздржете од лесно посегнување по етикети и поделби! Да покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото!
До државните органи – да се однесуваат дисциплинирано, да го почитуваат Уставот и да ги заштитат гарантираните права на граѓаните!
И, конечно, до сите граѓани во нашата држава– бидете спокојни, ние сме институција која ќе ги штити вашите права и која нема да прави компромиси со никого“.
Текстот Костадиновски: И покрај притисоците и влијанијата, Уставниот суд остана цврст столб на правната држава е превземен од МАКФАКС.























