Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од Зелен хуман град, по 13-часовна седница на која, како што соопштија од движењето, за првпат биле обединети сите политички групи во Советот околу ова прашање.

Со усвоените заклучоци, Град Скопје е задолжен да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со официјално барање да се испита работењето на Цементарница Усје и на сите големи индустриски загадувачи, како и дали целосно ги исполнуваат условите и обврските од дозволите за работа и важечката еколошка регулатива. Министерството треба во најкраток рок да го извести Градот за резултатите.

Истовремено, од Државниот инспекторат за животна средина се бара да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори, со цел да се утврди фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и дозволените емисии, како и примената на мерките за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Советот ја повикува Општина Кисела Вода, врз основа на наодите и мислењата од надлежните институции, да води особена сметка при изработката на деталните урбанистички планови, а истата обврска се однесува и на останатите општини во составот на Град Скопје и на самиот Град, со цел усогласен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање.

Дополнително, градоначалникот на Град Скопје е задолжен да се обрати до Владата за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и на другите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, согласно Законот за животна средина и Просторниот план.

Советничката, Катерина Цаневска, по гласањето на социјалните мрежу оцени дека со оваа одлука советниците застанале на страната на граѓаните и јасно се изјасниле за дислокација на, како што наведе, загадувачот надвор од Скопје.

„Сите заедно се согласија: дислокација на загадувачот Усје надвор од градот и скопската котлина“, нагласи таа.

Според Цаневска, со едногласно донесените заклучоци се отвора пат за целосна институционална проверка на работењето на „Усје“ и на другите големи загадувачи, како и за серија ненајавени инспекциски надзори за утврдување на реалната состојба на терен. Таа додаде дека идното урбанистичко планирање мора да се темели на овие наоди, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, а Владата да отвори постапка за дислокација на индустриските капацитети надвор од скопската котлина.

Текстот Советот на Град Скопје изгласа иницијатива за дислокација на цементарницата „Усје“ е превземен од МАКФАКС.