Кремљ соопшти дека американските разузнавачки агенции грешат ако веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја преземе цела Украина и делови од Европа што некогаш беа дел од поранешниот Советски Сојуз.
„Ројтерс“ минатата недела објави, повикувајќи се на шест неименувани извори, дека извештаите на американските разузнавачки агенции продолжуваат да предупредуваат дека Путин не се откажал од својата цел да ја освои цела Украина и да ги преземе деловите од Европа што некогаш беа дел од поранешниот советски блок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека Москва не знае колку се веродостојни изворите што ги цитира „Ројтерс“.
„Ако извештајот е точен, тогаш заклучоците на американските разузнавачки агенции се погрешни. Тоа апсолутно не е вистина“, рече Песков за заклучоците на разузнавачките агенции.
Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, а руските сили сега контролираат околу една петтина од земјата. Некои европски и украински лидери го обвинија Путин дека има амбиции надвор од Украина.
Рускиот претседател никогаш јавно не изјавил дека сака да ја освои цела Украина, но постојано повторува дека руските сили ќе заземат поголем дел од Украина ако Киев не се согласи да го отстапи преостанатиот дел од Донбас во источна Украина, кој сè уште е под украинска контрола.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток, кое сега ги вклучува земјите од Источна Европа кои беа дел од советскиот блок по Втората светска војна, како закана за Русија.
Путин изјави дека не сака да го обнови Советскиот Сојуз или да нападне членка на НАТО. Овој месец тој рече дека Русија не сака војна со Европа, но дека ако Европа започне војна, Русија ќе биде подготвена.
Текстот Кремљ: Путин не сака да ја освои цела Украина и да го обнови Советскиот Сојуз е превземен од МАКФАКС.























