Бурата „Бајрон“, која ја погоди Грција, предизвика затворање на многу училишта, поплавени патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.

Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.

Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.

Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумот и приземјето на зградата на повисоките катови поради развојот на поплавите.

Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност, јавува Танјуг.

Надлежните служби на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во зголемена готовност.

Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, денес нема да работат, објавија грчките власти. „Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Ние донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалиас.

Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со цивилната заштита и Министерството за образование.

Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.

Фото: ЕПА

Текстот Во Грција, патиштата се поплавени поради бурата, а училиштата во делови од земјата се затворени е превземен од МАКФАКС.