Амбасадата на Бугарија во Република Северна Македонија обезбеди 30 пакети со храна за социјално загрозени семејства во општина Берово. Донацијата е предадена во име на амбасадорот Ангел Ангелов на градоначалникот на општината Звонко Пекевски и е дел од хуманитарната помош што Бугарија ја обезбедува за Република Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
За време на разговорот, бугарската страна ја истакнала високата оценка на амбасадорот Ангелов за досегашната соработка меѓу амбасадата и општината.
Соговорниците ја посочиле и активната улога на општина Берово во спроведувањето на проектните активности во рамките на прекуграничната соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, заедно со збратимените бугарски општини. Меѓу темите на разговор биле и можностите за реализација на проект од областа на образованието во рамките на официјалната развојна помош што Република Бугарија и ја дава на Република Северна Македонија.