Администрацијата на Трамп тајно формулира нов план за прекин на војната во Украина во консултација со Русија, објави „Аксиос“, повикувајќи се на американски и руски претставници.

Планот од 28 точки е инспириран од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Газа, објави новинската агенција. Слично на планот за Газа, предлогот би вклучувал „мир во Украина, безбедносни гаранции, безбедност во Европа и идни односи на САД со Русија и Украина“, наведува „Аксиос“.

Специјалниот американски претставник Стив Виткоф го води развојот на планот и „опширно разговарал за него со рускиот претставник Кирил Дмитриев“, објави Аксиос, цитирајќи американски функционер.

Цитирајќи украински функционер, „Аксиос“ наведе дека Виткоф разговарал за планот со Рустем Умеров, советник за безбедност на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во Мајами претходно оваа недела.

Американскиот функционер, исто така, му рече на Аксиос дека Белата куќа почнала да ги информира европските претставници за предлогот. Белата куќа не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Дмитриев за „Аксиос“ изјави дека основната идеја е да се земат принципите за кои Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се согласија во Алјаска во август и да се развие предлог „за решавање на конфликтот во Украина, но и за обновување на односите меѓу САД и Русија и решавање на безбедносните проблеми на Русија“.

„Всушност, станува збор за многу поширока рамка, која во основа вели: Како конечно да се донесе трајна безбедност во Европа, а не само во Украина“, рече тој. Тој кажа дека целта е да се изготви писмен документ во таа смисла пред следната средба меѓу Трамп и Путин. Плановите за самит во Будимпешта меѓу лидерите во моментов се во мирување.

Рускиот претставник рече дека американската страна сега ги објаснува „предностите“ на својот сегашен пристап кон Украинците и Европејците. „Ова се случува во контекст на тоа што Русија дефинитивно има дополнителни успеси на бојното поле“, додаде тој, тврдејќи дека влијанието на Москва расте.

фото: принтскрин

Текстот „Аксиос“: Белата куќа тајно преговара за план за завршување на војната, се консултира со Русите е превземен од МАКФАКС.