Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ се огласи по вчерашната одлука на Централниот комитет да не го прифатат вонредниот гонрес на партијата кој иницијативниот одбор го закажа за 28-ми март во Скопје.

Во соопштението на Иницијативниот одбор испратено до медиумите се вели:

Обидот на се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски да го избегне соочувањето со делегатите кои го избраа на 16-от Конгрес, преку закажување на редовен конгрес во Ноември е поигрување со партијата и со сите членови кои ги овластија делегатите во Валандово да му го доверат водството.

Христијан Мицкоски нема капацитет и не ужива доверба меѓу членовите на партијата, а уште помалку меѓу неутралните граѓани. Христијан Мицкоски ќе му донесе уште еден пораз на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, исто како што донесе порази и на претседателските и на парламентарните избори. Мицкоски успеа да го изгуби и второто место по популарност паѓајќи на трето зад лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Политичар со толкав негативен рејтинг не може да очекува победа.

ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си дозволи таков луксуз да биде водена од човек кој ја влече надолу и стимулира нови поделби и расправии.
На ВМРО-ДПМНЕ и треба сплотеност и решителност во реализација на стратешките цели.

На ВМРО-ДПМНЕ и треба вонредниот 17-ти конгрес на кој што ќе се преиспитаат политиките водени од Мицкоски овие три години и ќе се зацртаат насоките во кои партијата ќе се врати на победничките патеки.

На ВМРО-ДПМНЕ и треба итна промена за да се влезе со нова енергија на локалните избори.

Иницијативниот одбор ги повикува делегатите кои се премислуваа да се приклучат во организацијата на вонредна седница на конгресот.

Инаку, дел од Иницијативнот одбор се поранешниот градоначалник на дојран Борче Стамов, екс градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, на Аеродром Ивица Коневски, потоа Филип Петровски, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, а веројатно тука ќе биде и сегашниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, кој се очекува да биде кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.