Главниот директор на „Би-би-си“, Тим Дејви, поднесе оставка, а кусо потоа истото го направи и извршната директорка на „Би-би-си њуз“, Дебора Тернес, по жестоки критики за начинот на кој бил монтиран говорот на Доналд Трамп во документарец.

Пред новинарите, Тернес изјави дека Би-би-си не е институционално пристрасен, но дека презема лична одговорност за направените пропусти.

„Беше привилегија да водам тим од брилијантни новинари“, рече таа.

„Оставката ја поднесов затоа што одговорноста е моја, но Би-би-си останува најдоверлив извор на вести во светот“, додаде Тернес.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушал“ ги нарече новинарите на Би-би-си „корумпирани и нечесни луѓе“, тврдејќи дека биле „фатени како го менуваат неговиот совршен говор од 6 јануари“.

Трамп им се заблагодари на медиумите што го откриле скандалот и изјави дека се работи за „страшна работа за демократијата“.

Документарецот емитуван една недела пред минатогодишните избори во САД, прикажал дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година така што се добива впечаток дека тој ги повикал своите приврзаници да „се борат“ и да одат кон Капитолот.

Во реалност, спорната фраза „ќе се бориме жестоко“ се појавува во сосема друг дел од говорот, а не непосредно пред повикот кон маршот – што предизвика обвинувања за манипулација.

Во својата порака до персоналот, Тим Дејви наведе дека одлуката е целосно негова. Тој призна дека имало грешки и дека како главен директор мора да ја преземе конечната одговорност.

Иако не го наведе скандалот како единствена причина, рече дека дебатата околу BBC News придонела кон неговата одлука.

Претседателот на корпорацијата, Самир Шах, го нарече ова „тежок ден“ и ѝ се заблагодари на Тернес за нејзината работа.

Министерката за култура Лиза Нанди му се заблагодари на Дејви за „водството во време на големи промени“.

Конзервативната политичарка Кеми Баденок изјави дека е „исправно што Дејви и Тернес презеле одговорност“, но додаде дека „културата на Би-би-си сè уште не се променила“.

Либералниот демократ Ед Дејви побара „нова страница и враќање на довербата“ во јавниот сервис, додека Најџел Фараж порача дека ова е „последната шанса за Би-би-си“ и дека е време за ново раководство од приватниот сектор.

 

Текстот Оставки во врвот на „Би-би-си“ поради спорниот документарец со говорот на Доналд Трамп е превземен од МАКФАКС.