Поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, го повика американскиот претседател Доналд Трамп да се врати на глобалните напори за борба против климатските промени, на денот кога ќе започнат разговорите за климата COP30 во Бразил. Белата куќа, сепак, возврати, тврдејќи дека ваквите климатски цели ги уништуваат другите земји и дека претседателот нема да ја загрози економската и националната безбедност на САД, објави Скај њуз.

Во разговор за Скај њуз пред самитот, Бан го нагласи глобалниот карактер на заканата. „Климатската криза не се грижи каде живеете, [дали во] САД, Кина или европските земји“, рече тој. „Ако живееме заедно, сите живееме. Ако умреме, сите умираме заедно.“

Тој кажа дека е „многу тажно“ што САД – „најмоќната, најснаодливата и највлијателната земја“ – се повлекуваат од Парискиот договор по втор пат. Бан Ки-мун, кој ги водеше ОН кога беше постигнат историскиот договор во 2015 година, сега го предводи Глобалниот граѓански центар, кој работи на спроведување на договорот и Целите за одржлив развој на ОН.

Тој ги повика богатите западни земји, не само Америка, да ги засилат своите напори. „Тие треба да покажат најсилно можно лидерство и тоа треба да биде приоритет број еден. Ова е единствената земја што ја имаме. Немаме каде да одиме“, рече тој.

фото: принтскрин

Текстот Поранешниот генерален секретар на ОН до Трамп: Ова е единствената земја што ја имаме, немаме каде да одиме е превземен од МАКФАКС.