Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ го закажа 17-тиот Вонреден конгрес на партијата, кој ќе се одржи на 28-ми март во Скопје. Ова ќе биде нов обид за смена на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Како што велат од Иницијативниот одбор делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.
Во соопштението се вели:
–Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгресот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите.
Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба е една од приоритетните точки на дискусија.
Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес.
ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава, се вели во соопштението.
Дел од Иницијативнот одбор се поранешниот градоначалник на дојран Борче Стамов, екс градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, на Аеродром Ивица Коневски, потоа Филип Петровски, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, а веројатно тука ќе биде и сегашниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, кој се очекува да биде кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.