Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритети државна стратегија, рече премиерот, Христијан Мицкоски, на отворање на 14-ти Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој што од денеска до 30 октомври се одржува во Скопје.

„Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може – и треба – да се гради токму тука во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание – кога има јасна визија, решителност и лидерство. Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите за кратко време, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Тој вели дека глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода.

„А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство. Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата. Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици“, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации.

Текстот Мицкоски: Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет е превземен од МАКФАКС.