Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина, рече министерката за образование, Весна Јаневска, во обраќањето на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, што го организираше Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Јаневска посочи дека оваа Влада е свесна за итноста од реформирање на највисокиот степен на образование и затоа презема конкретни мерки и активности насочени кон системски промени.

„Активно работиме на подготовка на нови законски решенија за високо образование и за научно истражувачка дејност. Законите, сами по себе, не можат да однесат универзитет повисоко на Шангајската листа, но, ако академската заедница прво се вклучи во нивното носење а потоа и ги почитува, ќе може да изградиме поквалитетно високо образование“, нагласи министерката Јаневска.

Во обраќањето, Јаневска укажа на конкретните чекори што ги презема Министерството за образование и наука за унапредување на научната продуктивност и интеграција на македонската академска заедница во глобалниот истражувачки простор. Научните бази Web of science и Scopus од оваа година се бесплатно достапни за професорите, научниците и студентите на јавните универзитети. Зголемен е буџетот за наука од 380 на 680 милиони денари, и годинава за прв пат по повеќе години, преку три повици беа доделени 374 милиони денари за научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и бизнис заедницата. Академскиот кадар е високо почитуван, а платите на универзитетските професори од јануари се зголемени за 14%.

„Експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет. Спроведовме сериозни контроли на високообразовните и научните установи, а резултатот е: затворени 14 приватни научни институти и 1 приватен факултет, поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по дадени забелешки на просветна инспекција и МОН. Ова не е кампања, туку ќе биде континуирана активност“, прецизира министерката Јаневска, додавајќи дека ќе следи реформа на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и формирање на првиот државен научно-технолошки парк во Македонија.

„Работиме, но Владата и Министерството не можат сами да изградат образовен систем што ќе биде квалитетен, препознатлив и посакуван. Неопходна е решителност и иновативност што ќе ја покажат универзитетите, а ние ќе им бидеме силен поддржувач и партнер“, рече Јаневска, упатувајќи повик до сите универзитети да ги забрзаат реформите, почнувајќи од модернизирање на студиските програми, поврзување со други универзитети, развивање заеднички програми и двојни дипломи, со цел студентите да добијат глобални перспективи.